Алеш Фурланич
Животот мора да го живееме тука и сега. Кога станува збор за дигиталната продажба, тогаш со едно око мора да гледаме и кон иднината.
Мудрите луѓе велат дека животот треба да се живее тука и сега. Но, тука во Одделот за дигитална продажба на Заваровалница Триглав неопходно е барем со едно око секогаш да гледаме и кон иднината. Актуарите, земајќи ги во предвид варијаблите, знаат одлично да ја пресметаат веројатноста за идните предвидливи настани. Малку потешко, пак, можат да предвидат што ќе се случи во поширокото опкружување и како тоа ќе влијае врз работата на друштвата од Групацијата Триглав. Кон ова се стремиме сите во Одделот за дигитална продажба, во Службата за дигитално работење и корисничко искуство.
Знаењето расте на грешки
Ако сакаме да сме во тек со потребите на осигурениците, клучно е да разбереме какви промени не очекуваат во навиките и однесувањето за купувањето, како и какви трансформации веројатно ќе настанат во дигиталната средина. Тоа всушност е краток преглед на мојата работна мисија. При работата и мојот развој, имам во предвид дека не постојат само подеми, туку има и падови од коишто можам многу да научам. Ова ги збогатува моите искуства. Во светот постои и поинаков начин на размислување од нашиот, а пред сѐ кога станува збор за доделување на советодавна улога или на лидерска позиција на некој што зад себе веќе има пропаднат бизнис. Овие луѓе многу добро знаат каде и кога може да пропадне една работа. Токму ова е клучно за напредокот.
Јас, лично не се плашам од овие неуспешни обиди. Ги познавам од едриличарските натпревари, бидејќи статусот на врвен спортист не го добиваш само за постигнатите успеси, туку и за трудот и медалите што ти избегале. Убеден сум дека ако не се обидеш да развиеш некоја идеја (секако, прво тестирајќи ја и оценувајќи го нејзиниот придонес кон работата), никогаш ништо нема да стане од неа.
Барање и ширење на идеи
Во нашиот тим, со отворена дискусија развиваме нови продукти и услуги. Ние помагаме при транзицијата од осигурителен кон услужен деловен модел, што ќе го составуваат екосистемите на поврзаните услуги и начелата на дигиталниот развој. Извршуваме многу различни задачи. Имаме дури и дигитален асистент - Шелдон, виртуелен робот (работи 24 часа во текот на неделата, без празници и паузи), а во иднина ќе ни заштеди многу време. особено со администрацијата.
Најмалку двапати неделно, сите колеги се собираме во канцеларија. Тогаш обично сите (освен Шелдон), заедно одиме на ручек. Често работам од дома и така времето што би сум го потрошил возејќи се од Приморска до работа, го користам за работа. Кога сум во канцеларија, се дружиме и бараме идеи. Мојот карактер е таков што сакам да ги предизвикам моите колеги да излезат од нивната зона на удобност и да размислуваат конструктивно и критички.
Митот за професијата „стратег за иновации“
Сосема погрешно е мислењето дека луѓето што се во контакт со дигиталниот свет на работа, така се однесуваат и во приватниот живот. Мене, лично ниеден електронски уред не ми е омилен, навистина сакам да го исклучам телефонот. Бидејќи сакам да им служам како пример на моите деца, сите го следиме правилото: колку минути поминати на уреди, толку страници за читање. Ако сум 30 минути на телефон, тогаш ќе прочитам 30 страници од некоја книга. Темите што ме интересираат се разновидни и не се поврзани само со осигурувањето. Ме интересира технологијата, економијата, психологијата и социологијата. Особено ме интересира помладата генерација „Z“. Мора да ги запознаеме за да знаеме што ги интересира и како размислуваат тие. Ова е многу важно ако сакаме да разбереме колку добро може да ко-егзистираме со нив, бидејќи тие се различни од она што бевме ние. Тие растат во поинаков свет.
Но, сето она што го правам не е можно без добра организација, па затоа покрај мене секогаш ја имам мојата омилена дигитална алатка Excel. Таа ги воодушевува сите оние што сакаме ред и систематичност.
Се раѓаат искри на идеи
Одам низ животот со отворени очи и уши. На Нетфликс, гледам технолошки и други серии, слушам подкасти или читам книги... сето тоа можат да бидат искри на идеи што разгоруваат оган, од кој еден ден можеби нешто и ќе се роди. Велат дека мојата љубопитност е причина поради која онлајн предавањата во деновите за иновации, се интересни, полни со содржина и инспиративни. За време на предавањата, се обидувам нежно, но енергично и решително да ги охрабрам моите колеги да излезат од својата зона на удобност и да не се плашат од своите идеи. Секоја идеја е повеќе од добредојдена, дури и ако изгледа невозможна.
Прилагодување кон младите луѓе и новите околности
Иако половина од моето работно време го поминувам во водење на проекти, мојата страст е развивање на нови решенија. Идејата за едно од нив ја дадов уште во времето кога работев во комерцијала. Преку онлајн модулот Ideja IN, што го имаме во Заваровалница Триглав, предложив начин за подобрување на апликацијата DRAJV. За тоа добив награда. Со текот на годините, вклучувајќи го и мојот придонес во надградбата, апликацијата се разви во одлично телематско решение. Денес, тоа придонесува за безбедно возење на повеќе од 60.000 возачи, коишто редовно го користат. Во нашиот Оддел за дигитална продажба бараме и развиваме слични иницијативи кои денес можеби малку се необични, но ќе бидат сосема секојдневни во иднина.
Повеќе генерации на еден куп
Благодарен сум што меѓу нашите колеги има и многу млади луѓе. Тоа особено ми се допаѓа, бидејќи тие имаат многу прашања. Понатаму, новите генерации просечно имаат сосема поинакви навики од нашите. Со нив се чувствувам млад. Немам ни некоја посебна желба да им се прилагодам, повеќе сакам да бидам помлад. Овие разлики меѓу нас само ќе се интензивираат и мора да се помириме со тоа. На пример, младите луѓе се навикнати услугите да им доаѓаат, по можност дигитално. Младите обично не се јавуваат кај застапникот за да склучат осигурување за телефонот. Сосема нормално им се чини дека можат да склучат осигурување за телефонот, во продавницата каде што го купиле. Им се чини дека е сосема логично, осигурувањето за странство да го склучат, ако може и во Брник, откако веќе тргнале на пат кон некои далечни места. Сето ова покажува дека светот се менува и дека и ние мора да бидеме во чекор со неговите промени.
Екосистеми во развој
Во светот во којшто работам со моите колеги, не ни недостасуваат предизвици. Промените што мора да ги предвидиме продираат и во областа на работењето на осигурителните компании. Според мое мислење, тие ќе мора сè повеќе да се насочуваат кон сеопфатни услуги и да се поврзуваат во екосистемски решенија. Да не заборавиме дека освен тоа, се појавуваат и потреби за нови продукти. Ако знаеме дека посетата на проценителот им одзема многу време на луѓето, тогаш може да направиме продукт што со помош на вештачката интелигенција и видео од 360 степени, ќе овозможи предметот односно објектот да се види од далеку и тоа како за потребите при склучување на осигурување, така и при проценка на штета. Сето тоа може да се направи и без посета на филијала, 24 часа на ден/7 дена во неделата. Сето ова е можно и ќе биде дел од нашата иднина, единствено прашање е кога ќе биде вистинско (или крајно) време тоа да го воведеме во своето работење.
Дигитално работење 1.0, 2.0 и 3.0
Со колегите од нашиот тим, во Службата за дигитално работење и корисничко искуство, работиме во област која драстично се менува и внимателно ги следиме карактеристиките на онлајн животот. Веб 1.0 нудеше содржина за читање, додека Веб 2.0 веќе им овозможува на поединците да креираат содржини и податоци, на пример на социјалните мрежи, но нивни сопственици се организациите што ги собираат. На пример, возачот на автомобил што користи DRAJV, денес сè уште не е сопственик на податоците за своето возење и за неговите навики. Сега, ние што ги собираме тие податоци, истите ги користиме за себе, доколку корисникот се согласи со тоа. Со Веб 3.0, сопственици на овие податоци и на нивната содржина ќе бидат корисниците. Тогаш ние, како организација, ќе мора да ги убедиме да ја споделат таа содржина со нас. Ова ќе биде голема промена за сите нас. Веќе тргна возот за иднината. Засега сè уште се движи доволно бавно за да можеме да скокнеме во него.
Алеш Фурланиќ е виш стручен соработник во Одделот за дигитална продажба и кориснички искуства.
