Радивој Прегељ
Вработените во Триглав Склади, имаме исклучително одговорна задача: се грижиме за имотот на нашите клиенти што ни го доверуваат во взаемните и во пензиските фондови или во индивидуално управување. Во замена за искажаната доверба, ние се грижиме за успешно управување со средствата на инвеститорите. Во последно време, во прв план сѐ повеќе доаѓа до израз одржливото инвестирање: од една страна, компаниите се свесни дека за да се постигнат подобри деловни резултати, особено е важно да гиимаат во предвид и аспектите за одржливоста, а од друга страна и барањата на клиентите за инвестиции во однос на одржливоста, исто така, се зголемуваат.
Скапоцена доверба
Ние, вработените во Триглав, со својата работа навлегуваме во многу лични области од животот на нашите клиенти. Луѓето ни веруваат дека финансиски ќе се погрижиме за нивните најблиски, ако им се случи најлошото и дека ќе им помогнеме кога ќе го поправаат покривот на нивниот дом или ќе го лекуваат повреденото колено. Тие, исто така, ни ги доверуваат и своите пари – за да ги зголемиме преку инвестирање во разни инвестиции и да им обезбедиме финансиски сигурна иднина. Ние сме добри во таа работа. Заедно со колегите се грижиме не само да бидеме (нај)успешни управувачи во Словенија, туку и глобално. Во најголемите кризи донесовме правилни одлуки и постигнавме добри приноси. Кој е клучот за тоа? Секојдневните иницијативи и потраги по можности. Дозволете ми да кажам дека средствата во Триглав Склади не се безбедно инвестирани само поради многубројните заштитни мерки во финансискиот сектор, туку пред сè затоа што со колегите многу сериозно ја сфаќаме нашата работа. Така, ден по ден, ја оправдуваме искажаната доверба на клиентите.
Клучот за доброто управување
Во нашите лични и модерно опремени простории во Триглав Склади, не се забележува никаква форма на хаос, каков што се прикажува во филмовите за Волстрит. Кај нас атмосферата е мирна. Ние, на нашите монитори ги следиме случувањата на пазарот, но кај нас нема викање или нервоза. Ако си добро информиран за случувањата и ако мирно ги прифаќаш сите неуспеси, може да бидеш многу успешен во инвестирањето. Бидејќи сакаме со правилен пристап успешно да управуваме со имотот и да им обезбедиме стабилни приноси на нашите клиенти, мора да бидеме разумни и смирени, а никако не избрзани. Успешното управување не е поврзано со краткорочни шпекулации, туку со предвидување на долгорочните случувања. Ако го совладаш тоа, тогаш можеш во рок од една деценија за два до три пати да ги зголемиш инвестираните пари. Секое утро, кога ние управувачите се собираме, заедно како тим ги разгледуваме најновите економски вести и деловните извештаи за компаниите што ги следиме. Да, разговараме за макроекономските трендови и за сите потенцијални ризици што би можеле да се случат. Детално ги читаме информациите, ги поврзуваме едни со други и учиме еден од друг.
Донесување на вистински одлуки во вистинско време
На пример, да речеме дека врз основа на податоците: дека Кина има автократско политичко водство што го ограничува растот на претпријатијата, а има и проблеми со Тајван, проценивме дека веројатно е вистинско време да се намалуваат инвестициите на кинеските пазари. Оваа одлука ја донесовме уште пред некое време. Се покажа дека е правилна. Донесувањето на прави одлуки во право време, за купување или продавање на финансиските инструменти, обезбедува повисоки приноси за фондовите на Триглав, во коишто спаѓаат и пензиските. Со нашата успешна работа се зајакнува угледот и доброто име на Групацијата Триглав. Сепак, се случува финансиските пазари некогаш неочекувано да флуктуираат. Ова се случи кога се појави епидемијата. Во тој момент и покрај стресот, што најчесто го ослободувам во природа, а во последниве години и со медитација, клучно е да останеш мирен. И тоа, како заради себе, така и заради работата што ја работиш, а најмногу заради клиентите на коишто во тие моменти им е потребна сигурност. Во таквите моменти многу е важно ние управувачите, емоционално да се изолираме и да не креваме паника. Долгорочните инвестиции не се импулсивен спринт, туку маратон.
Инвестирање со оглед на аспектите на одржливост
Поради климатските промени, дигитализацијата, вештачката интелигенција, а на крајот и поради комплексното општествено опкружување, и на пазарите на капитал се случуваат движења кон одржливо инвестирање. Финансиските компании како што е и нашата компанија за управување, сè повеќе се фокусираат кон примена на аспектите на одржливоста и тоа поради нивната основна фидуцијарна должност - со средствата што им се доверени да управуваат одговорно, совесно и во најдобар интерес на нивните клиенти. Во Триглав Склади, сме убедени дека тоа е во најдобар интерес за нашите клиенти. Исто така, очекуваме дека побарувачката за одржливите видови на инвестирање од страна на клиентите, како физичките, така и правните лица, ќе продолжи да расте и дека и ние коишто управуваме со имотот, исто како и нашите клиенти допрва се наоѓаме на почетокот од патот што води кон одржлива трансформација. Во областа на индивидуалното управување со имот, во 2022 година на нашите клиенти им понудивме нова инвестициска политика, што ги зема во предвид избраните аспекти за одржливо инвестирање. Следењето и примената на овие аспекти во иднина ќе бидат од клучно значење за постигнување на подобри приноси со ризик што може подобро да се определи. Почитувањето на еколошките, социјалните и управувачките начела во работењето на Триглав Склади, не го сметаме за нешто што е во спротивност со профитабилното работење. Напротив, почитувањето на начелата на ESG (Environmental, social, and corporate governance) е неопходно за долгорочно успешно и профитабилно работење на компаниите.
За да можеме, во нашиот тим, да донесуваме добри инвестициски одлуки што ги земаат предвид сите релевантни фактори вклучувајќи го и одржливиот развој, треба да бидеме добро информирани, образовани и добро упатени во нашата работа, а на крајот на краиштата и нашите повеќедецениски искуства од веќе доживеаните падови имаат одлучувачко значење. Тешко може нешто да не изненади, бидејќи редовно ја одржуваме кондицијата на нашите знаења за макроекономијата, финансиската анализа и регулаторните барања, а во последно време и за ризиците за одржливиот развој врз одделните инвестиции. Сето ова придонесува за разбирање на околностите што треба да се знаат за успешно зголемувањена средствата. За тоа, ние Словенците сме посебни. Од една страна, многу сме конзервативни и не сме подготвени да инвестираме во проверени инвестиции со помал или среден ризик. Имаме тешки 25 милијарди евра во банкарски депозити што би можеле да генерираат големи приноси. Од друга страна, поради недостатокот на информации, подложни сме на неодговорно инвестирање во пирамидални шеми и високо ризични инвестиции, како што се криптовалутите.
Значење на учењето и образованието
Освен книги и финансиски подкастови, исто така, сакам да читам и слушам психолошки содржини. За мојата работа, особено многу ми користат знаењата од психологијата на толпата. Хистеричните претерувања, преголемиот и фаталистички песимизам можат брзо да доведат до паника. Во најстресните моменти, кога моменталната ситуација не е добра, станува јасно која од страните е искусна, а која не е. Кај нас сè уште има премалку искусни инвеститори што не се плашат од падови, а нивниот број секоја година се зголемува. Ние луѓето сме рационални само под идеални услови. Значи, точна е изреката на Ворен Бафет, којшто вели: „Биди алчен кога на сите други им е страв“. Кога на сите им е страв, тогаш е време за промислен оптимизам. Покрај сите други задачи, ние сме одговорни и за образованието на нашите и на потенцијалните клиенти, за да можат поефикасно да управуваат со своите финансии и на тој начин полесно да ги постигнат своите цели.
Радивој Прегељ е виш менаџер за индивидуално управување со имот во Триглав Склади
