Ана Ерјавец
Кога првпат стапнав во светот на Заваровалница Триглав, имав чувство дека влегувам во приказна којашто истовремено е професионална и искрена. Врз основа на моите искуства, процесот на вработување во Триглав не е само постапка, туку вистинско искуство во кое на секој чекор ти е јасно дека навистина си важен кандидат.
Искуство врз кое се градат темели за успешна работа
Пред да дојдам во Заваровалница Триглав, веќе имав искуство со работа во една компанија со разгранета организациска структура и комплексни процеси што се типични за големите компании. Исто така, поради сличностите помеѓу двата система брзо ја усвоив динамиката и работењето на компанијата. Сепак, Заваровалница Триглав целосно ме импресионираше со единствениот „onboarding“, којшто навистина се разликува. Тоа е прекрасно искуство што не се заборава и врз кое се градат темели за успешна соработка и добросостојба на работното место.
Триглав низ мојата кариера
Сè започна многу порано. Интересно е што Триглав ме следеше долго време во текот на мојата кариера. Мојата прва редовна работа беше во една агенција, на улица Котникова. Секое утро кога ќе излезев од возот, првото нешто што го гледав пред себе беше таа прекрасна зграда на Плечник. Потоа, за некое време службено се преселив во ВТЦ (WTC) Љубљана, а подоцна и на светскиот саем во Милано, но патот повторно ме врати во близина на Триглав, овој пат на Веровшкова. Потоа и се придружив на една водечка енергетска компанија, каде што ми беше многу близу и третата најважна локација на Триглав, во Љубљана, на Дунајска цеста. Значи, Триглав секогаш некако остануваше во моја близина, а на крајот стана дел од мојот професионален дом.
Чекор по чекор
Мојот пат во Триглав започна со воведен телефонски разговор, кој беше топол и искрен. Потоа следеше онлајн интервју, каде што ме импресионираше професионализмот на моите идни раководители и на менаџерот за човечки ресурси. Сето ова доведе до лична средба во која навистина оживеа „човечкиот“ лик на Триглав. Она што најмногу ме импресионираше беше присуството на мојата идна директорка уште од првото интервју, па натаму. Чувствував како да не и е сеедно кој ќе стане дел од нејзиниот тим. Триделниот процес на селекција беше заснован така што овозможуваше подетално да ме запознаат како кандидат, а истовремено и самата имав доволно време да ги запознам вредностите и културата на Групацијата Триглав. Непроценливо е чувството дека целиот труд и енергија се вложени за обострано задоволство.
Приклучување кон новиот тим: уникатно искуство на вработување!
Кога официјално се вработив во Триглав, вистинската приказна штотуку почна. Првите денови беа полни со пријатни изненадувања: покриен простор за велосипеди, за моите велосипедски авантури дури и во помалку поволни временски услови, торба за добредојде, кафе кај Зекија, утрински колегиум, многу пријателски и искрени насмевки од новите колеги и обиколка на архитектонското творештво на Плечник. Тоа беше како еден вид на „експедиција“, каде што секој чекор е внимателно испланиран за човек брзо да почувствува дека е прифатен.
Процесот на вработување е исклучително внимателно заснован. Мојата менторка што ме водеше во текот на првите недели во Триглав, е комбинација од енциклопедија на знаење и најдобар мотивациски говорник. Заедно го истражувавме моето ново работно место од сите аспекти – од најмалите детали до големите стратешки прашања. Таа имаше одговор на сè што ме интересираше.
Посебен дел од мојот почеток, исто така, беше и обуката за нововработените - Водичот низ групацијата Триглав. Веднаш кога пристигнав, почувствував пријателско добредојде на организаторите, кои со својата енергија и посветеност создадоа впечаток на вистински „caregiver“. Ова сеопфатно воведување ми овозможи подобро да го разберам поширокиот контекст на работата на групацијата, а тоа ми се чини дека е непроценливо за успешен почеток. Исто така, бев импресионирана и од начинот на кружењето низ одделенијата, каде што за само неколку дена се запознав со работата на колегите со кои ќе развивам заеднички проекти. Овој вид на искуство ми даде чувство на поврзаност и ме поттикна да размислувам и надвор од рамките на моето работно место, а воедно ми овозможи да воспоставам блиски врски уште на самиот почеток.
Колеги што прават разлика
Она што најмногу ме изненади, беше тоа што толку брзо станав дел од тимот. Моите колеги не се само експерти во своите области. Тие се луѓе што знаат како да создадат средина во којашто секој поединец навистина може да блесне. Нивната љубезност, отвореност и подготвеност да помогнат, се елементи кои создаваат работна средина во која со задоволство се враќам секое утро.
Што научив од ова искуство?
Иако зад себе имам веќе некои искуства со работата во разни организации и работни средини, денес од прва рака научив колку е важна добрата постапка за вработување. Ова не е само формалност, туку можност новите вработените брзо да се почувствуваме како дел од тимот и што е можно поуспешно да се подготвиме за предизвиците што нè очекуваат. Искуството што го понуди Заваровалница Триглав ме импресионираше и ми даде чувство дека сум на вистинското место.
Велат дека првите впечатоци се најважни – а моите впечатоци за Триглав се одлични. Ова не е само работно место, туку тоа е заедница што се грижи за своите луѓе и го охрабрува нивниот напредок во кариерата. Од фокусираноста кон кандидатите во процесот на вработување, до менторството и поддршката во првите месеци, како и одржување на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот - Триглав навистина се труди да создаде средина каде што поединецот може да напредува.
Благодарна сум што станав дел од приказната на Триглав. Секој ден сѐ повеќе сум уверена дека тоа беше вистинска одлука.
Ана Ерјавец е виш стручен соработник во Службата за маркетинг.
