Давид Слуга
Минатата година, бев учесник во една иницијатива со која сакавме да ги научиме нашите колеги и колешки како да ја користат вештачката интелигенција во Триглав. Целта на образованието, под водство на одличен ментор по оваа нова технологија, беше нејзино успешно воведување во секојдневната работа. Овој формат на учење покажа дека може добро да се поврзуваме, да соработуваме и да истражуваме. Резултатот од учењето беше подобра продуктивност, креативност и задоволство во работата.
Асистент што ја олеснува работата од областа на откривање на измами
Кога ја користиме вештачката интелигенција, многу е важно да бидеме свесни за потеклото на оваа технологија и за нејзините недостатоци. Моментално, најпопуларните алатки за вештачка интелигенција (како ChatGPT, Copilot, Claude, итн.), функционираат на принцип на предвидување кој збор или израз најверојатно следи по претходниот, земајќи го предвид поширокиот контекст. Иако можеби не изгледа така, вештачката интелигенција (сè уште) не ги разбира нашите прашања. Дали ова некогаш ќе се случи не е само прашање на еволуцијата, туку и на филозофијата, како и на концептите во врска со прашањето што всушност претставува свеста. Со текот на мојата работа почнав да ја прифаќам вештачката интелигенција како алатка со голем потенцијал, а не како некое магично решение што ќе работи наместо нас. Алатките за ВИ ги користам веќе подолго време и тоа како на работа, така и во приватниот живот. Покрај нивната вообичаена употреба (проверка на текстови, преводи, помош при решавање на проблеми), алатките меѓу другото ги користев и за идентификување на непознати предмети, објаснување на процеси и за помош при утврдување на точното време кога е направена фотографијата. Во текот на мојата соработка во иницијативата, добив идеја како да ја користам ВИ за автоматизација на придобивање на структурирани податоци од скенирани документи што ќе ни овозможи анализи што претходно не беа можни. Алатките на ВИ претставуваат дополнителна димензија за решавање на проблемите којашто порано не постоеше. Иницијативата донесе одреден степен на ентузијазам во нашата служба, бидејќи постојано бараме нови алатки и знаења што ќе ни помогнат во работата.
Вреди да се проба
Ги охрабрувам сите што сè уште не сте го сториле тоа, барем еднаш да разговарате со ChatGPT или со Copilot. Додека нешто не пробаме не може да знаеме дали е добро или лошо. Разговорот со зборливиот робот не мора да биде во врска со работата. Со него може да разговарате за вашето хоби или за патувањето што го планирате. Дозволете му да ви помогне да го испланирате вашето патување или да го реши проблемот што го имате. За тоа не мора ни да знаете англиски, бидејќи асистентите зборуваат и на словенечки. Спречувањето, откривањето и истражувањето на измамите е област во којашто мора многу брзо да се реагира на новите појавни форми на измами и на развојот на технологијата што ни овозможува полесна анализа и откривање на отстапувањата. Задоволен сум што Триглав многу брзо ја препозна додадената вредност на вештачката интелигенција и почна да ја вклучува во своите процеси и да ја прави достапна за своите вработени давајќи ни можност да го истражиме технолошкиот терен, да се развиваме и да си ја олесниме работата
Давид Слуга е виш стручен соработник во Одделот за управување со измами.
